Османи: Русија да се повлече од Украина
ОБСЕ треба да даде резултати во тешки времиња, руската агресија во Украина останува врвен приоритет на организацијата, министерот Османи во Виена го претстави претседавањето со ОБСЕ...

Првата порака како претседавачи на ОБСЕ е до Русија, веднаш да ја запре агресијата врз Украина и да се врати на принципите на организацијата, изјави министерот за надворешни работи Османи на прес-конференцијата во седиштето на ОБСЕ во Виена. Тој смета дека ако сите земји членки се вратат на принципите и обврските на организацијата на кои се обврзале, може да се запрат и спречат нови конфликти.
„Наша прва мисија и цел е да повикаме веднаш да запре агресијата и страдањето на луѓето на терен, повлекување на сите сили и повторно обврзување на принципите и вредностите на организацијата. Кој ќе ја води Русија е на Русите да решат. Наша цел како претседавач е да се држиме до принципите и обврските, да продолжиме со комуникација со сите членки“, изјави министерот Бујар Османи.
ОБСЕ смета дека постојат шанси за нови конфликти на европско тло, во земји членки како Ерменија, Азербејџан, Молдавија, но и на Западниот Балкан со тензиите меѓу Косово и Србија.
„Внимателно ги следиме тензиите во северно Косово. Го поздравувам медијаторството на ЕУ која ги покани двете страни да продолжат со комуникација и дијалог“, вели Османи.
Еден од главните приоритети на ОБСЕ оваа година е ослободувањето на преостанатите тројца припадници од мисијата во Украина коишто сè уште се држат во заробеништво.
„Тројцата припадници на мисијата во Украина мора да бидат ослободени оти имаат имунитет како функционери на ОБСЕ. Тие се држат заробени веќе 7 месеци на непозната локација“, изјави Хелга Шмит – Генерален секретар на ОБСЕ.
Како претседавач, земјава ќе обезбеди поддршка на операциите на ОБСЕ, за функционална демократија, за заштита и промоција на човекови права, поддршка за граѓанските организации, за одржлив економски раст и за справување со климатските промени.
Ирина Гелевска
