УСЈЕ ги отфрли обвинувањата на Арсовска
Град Скопје поднесе кривична пријава против Цементарница УСЈЕ. Градоначалничката Арсовска рече дека извршените мерења во декември и јануари покажале огромни пречекорувањата во испуштањето штетни честици во воздухот. „Граѓаните не смеат да бидат жртви на профитите на неколкумина“, порача Арсовска. Цементарница ги отфрли наводите-оттаму тврдат дека мерењата покажале пониски вредности, а на 26-ти и 27-ми декември воопшто и немало мерења во фабриката…

Кривична пријава против Цементарница УСЈЕ поднесе градоначалничката Арсовска. Таа рече дека контролите на инспекторите покажале дека фабриката го загадувала воздухот трипати повеќе од дозволеното. Тоа го констатирале и градските инспектори и државниот инспекторат при две вонредни контроли, во декември и во јануари.
Цементарница УСЈЕ ги отфрли обвинувањата и соопшти дека контролите во јануари покажале дека емисиите се пониски од дозволените граници, а отстапување поради употребата на мазут имало само парниот котел, но тој не бил дел од производствениот процес. На 26 и 27 декември воопшто немало мерења во кругот на фабриката.
„Нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисиони точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница Усје е дури и помала од други мерни места во градот“, велат од Цементарница.
За проблемот со аерозагадувањето во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ побара премиерот Ковачевски да свика состанок со сите институции и Арсовска за да подготват стратегија за загадувањето. Советниците од СДСМ побараа вонредна седница.
Во меѓувреме, за проблемот со автобускиот превоз во Скопје, Арсовска остана на ставот дека Градот не им должи на приватните превозници. Таа рече дека Градот може и без нив, зашто ЈСП ќе се реформира, а в година ќе се набават нови автобуси.
Марија Котовска
