Бајден: Документите ќе бидат предадени во Министерството за правда
Пронајден втор сет доверливи документи од времето кога Бајден беше потпретседател на Америка. Јавниот обвинител побара истрага…

Нова серија доверливи документи откриена во гаражата во Вилмингтон, Делавер во домот на американскиот претседател Бајден. Челникот на Белата куќа тврди – материјалите веднаш ќе бидат предадени во Министерството за правда. Првиот пакет беше пронајден во приватна канцеларија во Вашингтон која ја користел по напуштањето на администрацијата на Барак Обама. Документите се однесуваат на извештаи од разузнавачките служби и податоци за Украина, Иран и Обединетото Кралство.
„Мојот адвокат провери и други места каде што се складирани документи од мојот мандат како потпретседател, и со проверката завршија вчера. Открија малку документи со ознака „Доверливо“ на местата за складирање и шкафовите со документи во мојот дом и личната библиотека. Веднаш го известивме Министерството за правда и адвокатите се договорија документите да бидат преземени“, изјави претседателот Бајден.
Новоформираното републиканско мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес почна истрага. До Министерството за финансии бараат информации за финансиските трансакции на претседателското семејство.
„Зошто Министерството за правда не ги третира луѓето еднакво? Секогаш кога ќе најдеме нешто пред избори поврзано со семејството на Бајден, истото се турка под тепих, се нарекува лага, се вели дека Русите се зад тоа. Зошто се однесуваат поинаку кон претседателот Трамп? Зошто имаше рации?“, рече Кевин Мекарти, претседател на Претставничкиот дом.
Демократскиот лидер е под лупа на републиканците откако неговото Министерство за правда лани почна истрага за доверливите документи кои беа пронајдени во резиденцијата на Флорида на екс-претседателот Доналд Трамп.
Маја С. Филдишев
