Ниту Пеп, ниту Жозе, мадриѓани во Лисабон!
Атлетико е откровение на сезоната. Тимот предводен од Диего Симеоне е на прагот на два трофеја...

Какво финале! Првпат во историјата на Лигата на шампионите и на Купот на шампионите, две екипи од ист град ќе играат во завршниот натпревар. Мадриѓани се во Лисабон, не Гвардиола, не Мурињо! Погладните за успех, помотивираните, поорганизираните ја минаа полуфиналната етапа. Оценките се неподелени – сосема заслужено.
Атлетико е откровение на сезоната. Тимот предводен од Диего Симеоне е на прагот на два трофеја, а тоа доволно зборува. Ниту Мурињо не успеа да ја запре машинеријата на црвено – белите. Беа компактни, исклучително физички подготвени, ментално цврсти иако играа против поискусниот Челзи. Не ги разниша ниту водечкиот погодот на Торес – поранешен член на клубот од „Калдерон“. Два лоши момента на тимската одбрана на „сините“ на Мурињо беа доволни за Атлетико да блесне во вчерашниот реванш на „Стемфорд бриџ“. Две дијагонали на Тјаго за Хуанфран го матираа Челзи. Пресуди првиот гол на Адријан Лопез за 1-1, во вистинско време, пред крајот на првиот дел. Потоа на Атлетико му беше полесно. Кога Челзи планираше да нападне, а Мурињо го извади Еѕо како главен џокер, пеналот што го направи тому Камерунецот на Атлетико му даде крилја за лет во европските височини. Ударот на Диего Коста и голот на Арда Туран за конечни 3-1 беа силен печат на налетот на Атлетико како „помалиот брат“ од шпанската престолнина, но и на „Чоло“ Симеоне како нов фудбалски генерал.
„Цел натпревар се смени за две минути, најпрво Куртоа чудесно го одбрани ударот на Тери, а потоа дојде пеналот. Мојата почит за Атлетико“, констатираше Мурињо, кој прими критики од својот фудбалер Еден Азар. „Челзи не е создаден за да игра фудбал. Правдата е задоволена, тие заслужија да играат финале“, категоричен и остар беше белгискиот репрезентативец, можеби и во обидот да се оправда затоа што токму тој не ги затвори двете дијагонали кога Атлетико ги даде првиот и третиот гол.
Со оглед дека двата мадридски клуба ќе се сретнат за титулта во Лисабон на 24-ти мај, по полуфиналната фаза најлесно е да се биде Шпанец, а уште полесно мадриѓанец. „За нас е неверојатно да играме финале. Викендов имаме уште едно финале со Леванте и можеме да освоиме две титули. Оваа сезона е од соништата“, радосен е Тјаго. „Овој успех е резултат на силен колективен напор“, Симеоне ги пофали сите со скромност на голем човек кој не сака да зборува за сопствените заслуги. Со него на тренерската позиција „ла децима“ – десеттата круна за Реал е подеднакво блиску колку што е и далеку. Атлетико, пак, во првото финале во Лигата на шампионите по 40 години, на „Луж“ ќе сонува за своето првенче во најсилната фудбалска конкуренција.
