Охрид

Климатските промени негативно влијаат врз екосистемот на Охридското Езеро

14.01.2023 08:01

Таканаречените забрзани климатски промени кои се резултат на човековото несовесно однесување придонесоа за постојаното зголемување на температурата на Охридското Езеро што негативно влијае врз живиот свет во него. Состојбата со Преспанското Езеро е далеку полоша, бидејќи тоа со години наназад бележи драматично намалување на водниот потенцијал. Според научните работници ваквите состојби предизвикуваат значајни промени во екосистемите на двете езера...

Климатските промени во регионот Охрид-Преспа датираат од крајот на 90-тите години на минатиот век. Истражувањата на Охридското Езеро во текот на три години покажаа дека има релативно зголемување на средно годишната температура на водата во езерото за 0,2 степени што во долг период значи многу и предизвикува негативни последици врз популациите на целиот жив свет во него. Состојбата со Преспанското Езеро е уште позагрижувачка поради драстичното намалување на нивото на водата.

„Ваквите промени во температурата на водата доведуваат до редица други моменти коишто се изразуваат преку промената на периодот на природен мрест на рибите, промената на начинот на исхрана, промената на местото на живеење во самото езеро, односно се храни со сосема други елементи од фауната на езерото“, рече Зоран Спирковски, научен работник од областа на хидробиологијата.

Сегашните забрзани климатски промени поттикнати од луѓето им нанесуваат огромни штети на најголемите македонски природни езера.

„Ако се земат предвид сите негативни влијанија коишто човекот ги прави во ова сливно подрачје, како на Преспанското така на Охридското Езеро, климатските промени доаѓаат повеќе до израз. Односно ние вршиме индуцирано забрзување на влијанието на климатските промени коишто резултираат со негативни резултати“, истакна Зоран Спирковски, научен работник од областа на хидробиологијата.

Климатски промени имало низ историјата, но не како сега предизвикани од човекот. Дека е така укажаа истражувањата за староста на Охридското Езеро преку дупчењето на неговото дно. Тие покажаа дека пред триесет илјади години Охридскиот регион имал за 2,5 степени целзиусови повисока средна годишна температура од сегашната.

Сашо Нелоски