Вековната традиција продолжува, карневалска треска во Вевчани
Во падините на Јабланица започна карневалското лудило. Вевчани денес наликува на слободен театар без граници со многу хумор и сатира...

Зурли, тапани, стотици маски продефилираа низ вевчанските улици. Покрај традиционалните зетот и невестата, Глупавиот август и ѓаволите, денес на главното василичарско оро има безброј маски. Првиот човек на Општина Вевчани ја повика јавноста да не замерува за маските, василичарите немаат намера да навредат никого ни по верска, ни по национална основа.
Вевчанскиот карневал привлекува голем број туристи од земјава и светот, но и новинари и фотографи кои се воодушевуваат.
„Некој ми ги покажа фотографиите од Вевчанскиот карневал се воодушевив колку е уникатно и старо ова карневалско случување, кое ја продолжи традиуцијата и во време на пандемијата и затоа дојдов“, Герен Смит, фотогртаф од Амстердам.
Вевчанци со карневалот ја слават Стара нова година, со маските и ритуалите се обидуваат да го избркаат злото. Прославата продолжува вечерва со концерт на Баклава, Банда ЕнТопика, Нино Величковски и Кумановските тамбураши, Некст Тајм и Перо Бели.
Карневалот завршува утре со последното Василичарско оро и ритуалното палење на маските.
Пишаните извори сведочат дека Вевчанскиот карневал е стар најмалку 1.500 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат дека карневалот постои околу 2.200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на паганските со христијанските обичаи.
Соња Рилковска
