Руско-украински конфликт

Битки во Соледар, двете страни не се предаваат

13.01.2023 12:56

Жестоки битки во Соледар. И двете страни тврдат дека го освоиле градот. А болниците се полнат со повредени војници. Тензично и во Сиверск. Жителите немаат вода и струја. Стигнува меѓународна поддршка, Франција најави испорака на тенкови, Германија на оклопни возила...

Жестоки битки во Соледар. И двете страни во руско-украинскиот конфликт велат дека го освоиле градот. Војската е сведок на постојани истрели од периферијата кон патот и експлозии на хоризонтот на околните обработливи површини. Во блиската болница, постојано се хоспитализираат голем број повредени војници. Гувернерот на Украина во Доњецк вели дека повеќе од 100 руски војници се убиени во битката за градот познат по ископите на сол.

„Тоа е блиска борба, имаме истрели од огнено оружје, имаме рани од гранати“, рече Андриј Жолоб, воен лекар.

20 километри од Соледар се наоѓа Сиверск. Околу 100 жители коишто останаа во градот живеат во студените подруми на оштетените згради криејќи се од секојдневното гранатирање. Немаат струја, вода и гас.

„Кога легнуваме навечер се прашуваме дали ќе се разбудите или не“, вели Нина Миколаивна, жител на Сиверск.

„Наскоро ќе има мир, мислам дека наскоро ќе имаме мир, нашите момчиња ќе ги избркаат Русите“, рече Надија Забавска, жител на Сиверск.

Според украинските власти, приоритет број еден во војната против Русија е борбата да се задржи Соледар и Бахмут. Детално се анализираат потребите од засилување и следните чекори што командата треба да ги преземе во наредните денови.

„Приоритет број еден е Соледар, Бахмут и борбата за насоката Доњецк. Детално анализиравме какви одлуки се потребни, какви засилувања се потребни, какви чекори треба да преземат командантите во наредните денови. Исто така, разговаравме за ситуацијата со снабдувањето со оружје и муниција на војниците“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Меѓународната поддршка во Украина не запира. Франција се обидува да испорача борбени тенкови во рок од два месеца. Германија најави поддршка од 100 оклопни возила. Рускиот министер за надворешни работи Лавров претходно рече дека секоја пратка од Париз што содржи оружје ќе биде легитимна цел за руските сили.

Маријана Димовска