Стариот континент се поврза со вселената, во Шведска проработе првиот европски космодром
Европската унија го зазеде своето место во вселената со новиот европски космодром за лансирање во северна Шведска. Целта на космодромот е да се подобри животот на луѓето на земјата со обезбедување на податоци од вселената. Вселенските истражувања се дел од приоритетите на шведското претседателство со ЕУ...

Почна со работа првиот космодром за лансирање сателити на копното на ЕУ во северна Шведска. Унијата ќе стане поприсутна во вселената и поконкурентна за новите технологии, што ќе придонесат за економскиот раст, за поголема безбедност и за справувањето со последиците од климатските промени. Шведска како актуелен претседавач со унијата смета дека истражувањето на вселената може да помогне за животот на луѓето на земјата.
„Вселената припаѓа на сите и затоа имаме обврска кон идните генерации да обезбедиме дека нејзиното користење е фер и одржливо. Сите би сакале да можеме да ги користиме предностите од вселенската инфраструктура и сервиси. Ова е приоритет и на шведското претседавање со ЕУ за позелена и побезбедна Европа“, изјави шведскиот премиер Улф Кристерсон.
Европската комисија ќе предложи нова вселенска стратегија за безбедност и одбрана за да се подобри безбедноста на оваа инфраструктура преку зајакнување на заедничките европски капацитети.
„Ова е голем момент за Европа и за европската вселенска индустрија со првото место за лансирање од европско тло. Овој космодром нуди независна порта на Европа кон вселената, тоа е инфраструктурата што ни е потребна за продолжување на иновациите но и за истражување на крајните граници. Европа има свое место во вселената и ќе го зачуваме“, изјави Урсула фон дер Лајен-претседател на Европската комисија.
Со сателитите лансирани од европскиот космодром ќе се обезбедуваат над 60 проценти од податоците за климатските промени, цивилната заштита од катастрофи и безбедното раководење со сообраќајот во унијата.
Ирина Гелевска
