Русија тврди дека презела контрола врз Соледар
Според руските власти, со заземањето на источниот град ќе се прекинат украинските патишта за снабдување до поголемиот град Бахмут. Според украинските власти, приоритет број еден во војната против Русија е борбата да се задржи Соледар и Бахмут. Меѓународната поддршка во Украина не запира. Франција се обидува да испорача борбени тенкови во рок од два месеца...

Руските сили објавија дека презеле контрола врз Соледар. Заземањето станало возможно поради постојаните огнени напади од копно и од воздух, ракетни трупи и артилерија. Според руските власти, со заземањето на источниот град ќе се прекинат украинските патишта за снабдување до поголемиот град Бахмут.
„Градот Соледар, кој е од големо значење за продолжување на успешните офанзивни операции во насока на Доњецк, беше ослободен. Во последните три дена беа елиминирани повеќе од 700 украински војници и над 300 единици од украинските вооружени сили“, изјави Игор Конашенков, портпарол на Министерство за одбрана на Русија.
Во блиската болница, постојано се хоспитализираат голем број повредени украински војници.
„Тоа е блиска борба, имаме истрели од огнено оружје, имаме рани од гранати“, вели Андриј Жолоб, воен лекар.
20 километри од Соледар се наоѓа Сиверск. Околу 100 жители коишто останаа во градот живеат во студените подруми на оштетените згради криејќи се од секојдневното гранатирање. Немаат струја, вода и гас.
„Кога легнуваме навечер се прашуваме дали ќе се разбудите или не“, рече Нина Миколаивна, жител на Сиверск.
„Наскоро ќе има мир, мислам дека наскоро ќе имаме мир, нашите момчиња ќе ги избркаат русите“, вели Надија Забавска, жител на Сиверск.
Според украинските власти, приоритет број еден во војната против Русија е борбата да се задржи Соледар и Бахмут. Детално се анализираат потребите од засилување и следните чекори што командата треба да ги преземе во наредните денови.
„Детално анализиравме какви одлуки се потребни, какви засилувања се потребни, какви чекори треба да преземат командантите во наредните денови. Исто така, разговаравме за ситуацијата со снабдувањето со оружје и муниција на војниците“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Меѓународната поддршка во Украина не запира. Франција се обидува да испорача борбени тенкови во рок од два месеца. Германија најави поддршка од 100 оклопни возила. Рускиот министер за надворешни работи Лавров претходно рече дека секоја пратка од Париз што содржи оружје ќе биде легитимна цел за руските сили.
Маријана Димовска
