Руските сили ја презедоа контролата врз Соледар
Според руските власти, со заземањето на источниот град ќе се прекинат украинските патишта за снабдување до поголемиот град Бахмут. Во болниците постојано се хоспитализираат голем број повредени украински војници. Борбите околу градовите Соледар и Бахмут ги нарекуваат најкрвави досега...

Руските сили објавија дека презеле контрола врз Соледар. Заземањето станало возможно поради постојаните огнени напади од копно и од воздух, ракетни трупи и артилерија. Според руските власти, со заземањето на источниот град ќе се прекинат украинските патишта за снабдување до поголемиот град Бахмут.
„Градот Соледар, кој е од големо значење за продолжување на успешните офанзивни операции во насока на Доњецк, беше ослободен. Во последните три дена беа елиминирани повеќе од 700 украински војници и над 300 единици од украинските вооружени сили“, изјави Игор Конашенков, портпарол на Министерство за одбрана на Русија.
Во болниците постојано се хоспитализираат голем број повредени украински војници. Борбите околу градовите Соледар и Бахмут ги нарекуваат најкрвави досега.
„Тоа е блиска борба, имаме истрели од огнено оружје, имаме рани од гранати“, рече Андриј Жолоб, воен лекар.
20 километри од Соледар се наоѓа Сиверск. Околу 100 жители коишто останаа во градот живеат во студените подруми на оштетените згради криејќи се од секојдневното гранатирање. Немаат струја, вода и гас.
„Кога легнуваме навечер се прашуваме дали ќе се разбудите или не“, вели Нина Миколаивна, жител на Сиверск.
„Наскоро ќе има мир, мислам дека наскоро ќе имаме мир, нашите момчиња ќе ги избркаат русите“, додава Надија Забавска, жител на Сиверск.
Потребни се нови санкции, артилерија, и огромен притисок врз државата агресор, вели украинскиот претседател. Повторно ја потенцираше потребата од меѓународен суд за да ги изведе пред лицето на правдата оние што ја предизвикаа војната. Детално се анализираат потребите од засилување и следните чекори што командата треба да ги преземе во наредните денови.
„Русија веќе нема да може ништо да им диктира на европските нации откако ќе ја завршиме оваа војна со одлучувачка победа над агресорот. Запомнете го минатиот февруари, запомнете ја руската офанзива во Киев и Мариупол, во Харков и Чернихив. Кога Русија ја нападна Украина, мислеше и на другите европски земји, а кога отиде во Киев, сонуваше да оди до Вилнус, Варшава и Прага или Кишињев“, нагласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Меѓународната поддршка во Украина не запира. Франција се обидува да испорача борбени тенкови во рок од два месеца. Германија најави поддршка од 100 оклопни возила. Рускиот министер за надворешни работи Лавров претходно рече дека секоја пратка од Париз што содржи оружје ќе биде легитимна цел за руските сили.
Маријана Димовска
