Битола

Дигитализација на историскиот архив

14.01.2023 11:21

Целокупната оставштина на браќата Манаки конечно ќе биде целосно обработена и заштитена. Деновиве за прв пат од постоењето на Битолскиот архив стартуваше со работа опремениот дигитален центар. Ќе го опслужуваат десет обучени лица. Според дневната динамика на работа целокупниот материјал ќе биде дигитализиран и адекватно заштитен и подреден до крајот на идната година …

Битолскиот историски архив оди огромен чекор напред. За прв пат од неговото постоење со работа започна опремениот дигитален центар за дообработка на целокупната оставштина на браќата Манаки. Ако во изминатите пет години беа дигитализирани само десетина посто од седумте илјади стаклени плочи, десетте обучени лица остатокот ќе го доработи до крајот на идната година. Амбициозниот план го поткрепуваат со веќе воспоставената дневна динамика.

Поради несоодветните услови на чување во архивското депо дел од нив се оштетени. По процесот на дигитализација тие ќе бидат спакувани во соодветна амбалажа по највисоки светски стандарди.

Во следниов период се очекува тоа да биде првиот фонд од ваков вид кој ќе биде прогласен за културно наследство од исклучително значење сместен во една од просториите, а веќе е подготвено и идејното решение.

Од битолското одделение на Државниот архив велат дека актот е донесен од Националниот совет и е доставен до Влада и се очекува за кратко да добие зелено светло.

Стевче Митревски