Се спушта завесата на Вевчанскиот карневал
Со последното Василичарско оро и ритуалното палење на маските денеска се спушта завесата на најстарата карневалска манифестација во земјава – Вевчанскиот карневал. Илјадници гости изминативе денови уживаа во карневалската магија која е необичен преплет на паганското и христијанското...

Со последното Василичарско оро и ритуалното палење на маските денеска завршува Вевчанскиот карневал.
По вевчанските улици покрај ѓаволите, глупавиот август, зетовите и невестите, прошетаа безброј маски, страшни, смешни и реални изработени до совршенство. Во карневалската пародија беа одбележани политичките и општествените збиднувања во земјава и светот.
Во фокусот годинава беа енергетската и економската криза, европската интеграција на земјава, спорот со Бугарија, војната во Украина, изградбата на автопатот Кичево Охрид.
„Гостопримството на Вевчани беше уште еднаш покажана на дело. Имаше многу забава, игра, имаше многу хумор и сатира“, вели Спасе Кочоски, градоначалник на Вевчани.
Вевчанскиот карневал е театар без режија и граници. Досетливите василичари го истакнуваат слободниот дух. Дури 50% од населението се маскираат овие денови.
„Палењето на маските симболизира злото да не се повтори во новата година таа да започне чиста“, вели Александра Велкоска, туризмолог.
Туристите уживаа во карневалската магија која е необичен преплет на паганското и христијанското.
„Вевчани ја држи својата личност, својата автентичност и ја гледа иднината преку оваа традиција“, вели Вртакос Александрос, фотограф од Грција.
Вевчанци со карневалот останаа верни на традицијата стара 15 векови, а општина Вевчани стана бренд, за Православна нова година. Илјадници гости деновиве беа дел од најголемиот фестивал на сатирата.
Соња Рилковска
