Повторно во прекин железничката линија Скопје-Табановце
Жители на неколку кумановски села десетина дена се без железнички превоз. Укинати се возовите на редовната линија Скопје-Табановце. Најзасегнати се жителите од Романовце и Табановце, кои на работа во Скопје досега заминуваа со воз. Велат во моментов најисплатливо е да се користи воз, бидејќи картата за автобуски превоз е доста поскапа...

Жителите на Романовце, Табановце и околните села повторно се без железнички превоз. Веќе десетина дена не функционира линијата Скопје-Табановце. Револтирано раскажуваат дека повеќето од нив работат во Скопје, а превозот со воз им е значаен бидејќи е значајно поевтин и побрз, иако дневно сообраќаат само четири возови. Нагласуваат дека интересот за овој превоз е особено поголем, по последните покачувања на билетите за автобус. Билет за воз во еден правец до Романовце чини 80 денари или 120 повратен. Додека автобуската карта до Скопје е 170 денари во една насока.
„Дел од жители на Романовце работат во Скопје, имаме и студенти кои патуваат и поевтино е картата е 170 денари, а повратна е 120 со воз. Дел од студентите имаат и бесплатен превоз, со тоа се соочуваат и другите села“, вели жител.
„Сега го запреа возот, нема превоз детево оди за Скопје, секое утро бара превоз. Сега е проблем станува во 05 часот бара превоз да најде кој го носи. Автобусот е 200 денари, многу е“, вели жителка.
„Исплатливо е со воз да се оди, сите го користат и ние одиме во Скопје со воз“, дополнува друга жителка.
„Го користат 70 проценти возот и јас го користев со него патував, ова е смешно што се прави“, вели жител.
Од Македонски Железници информираат дека линијата е укината поради недостаток на машиновозачи. Не е познато кога ќе се вратат редовните линии. И лани два месеци не функционираше линијата Скопје-Табановце, поради недостаток на машиновозачи.
Жителите на Романовце бараат и подобрување на железничката инфраструктура. Поставување на рампи, за да се зголеми безбедноста и да се спречат несреќи. Во селото досега неколкупати имаше несреќи на железничките премини. Во некои имаше и жртви.
„Ние имаме ученици кои патуваат низ тој тунел, не е осветлен, и тие вагони кои се тука им сметаат не се гледа од нив, кога поминуваме со кола, земјоделски машини. Ниту гранките, дрвјата воопшто не се одржуваат“, дополнува жител на Романовце.
„Нека се качат да проверат дека фалат клинови, што не ги соберат оние 11 вагони горе ни сметаат“, дополнува друг жител.
Во близина на шините во Романовце, сè уште стојат и хаварисани вагони, од товарниот воз кој се излизга пред речиси две години.
Елена Георгиевска
