Обвинителство

Притвор за командирот и двајца полицајци

14.01.2023 15:28

Притвор за командирот на смена и двајца затворски полицајци по бегството на затвореникот Мемети. За третиот е изречена мерка на претпазливост. По распитот во Кривичниот суд утврдени бројни пропусти при процедурата во спроведувањето. Од МВР велат полицајците не постапиле согласно должностите. ВМРО-ДПМНЕ одговорност и оставка бара од министерот Спасовски...

По осум дена притвор за командирот на затворот Идризово во чија смена се случи бегството на Беким Мемети и за двајцата полицајци кои го превезувале затвореникот. За третиот судија на претходна постапка му изрече мерка на претпазливост. По распитот во Кривичниот суд било утврдено дека осомничените може да избегаат бидејќи биле направени бројни пропусти при процедурата во спроведувањето. Од МВР велат дека полицајците не постапиле согласно должноста. Четворицата вработени во затворската полиција заработија кривична. Ќе одговараат за „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“.

„Кривичното дело е извршено на начин што осомничените свесно и со намера да му овозможат бегство на осуденото лице кое го спроведувале, го седнале во средниот ред на службеното возило, а не според стандардните оперативни процедури за спровод на осудени лица во посебниот дел од возилото наменет за тоа. Потоа, еден од затворските полицајци воопшто не носел службено оружје иако морал да носи, а иако на осуденикот му било ограничено движењето на рацете со средства за врзување, сепак му било овозможено да пристапи до службениот пиштол на еден од затворските полицајци, со кој испукал еден куршум“, велат од МВР.

Затворското комбе било пресретнато од сиво „ауди“ кое прво им го попречило патот а потоа и го евакуирале бегалецот. За Мемети е распишана меѓународна потерница, а обвинителството продолжува да ги истражува причините и мотивите кои доведоа до овој кривичен настан во кој беше ранет полициски службеник. Тој закрепнува на Карил и е надвор од животна опасност.

За бегството ВМРО-ДПМНЕ одговорност и оставка бара од министерот Спасовски. Партијата тврди дека осомничениот командир пред неколку години бил избркан од МВР, бидејќи според ВМРО-ДПМНЕ тој бил фатен како прима поткуп. Министерот Спасовски го вратил на работа и го поставил на командирската позиција во Идризово тврдат од партијата. МВР ги демантираше овие тврдења и бараат извинување од ВМРО-ДПМНЕ.

Викторија Милевска