Серија експлозии во Киев, погодена е критична инфраструктура
Руските сили извршија ракетни напади врз критичната инфраструктура во Киев, соопштија украинските власти. Продолжуваат битките за Соледар и за Бахмут. Документи за Украина биле меѓу досиејата на Бајден...

Украинскиот претседател Зеленски рече дека е знак за неуспех на Москва тоа што имало внатрешни руски расправии околу тоа кој е најодговорен за тактичкиот пробив во Соледар. Наведе дека тоа е уште еден поттик за да се врши уште поголем притисок врз окупаторот.
„Постојано сме во контакт со нашите команданти, со шефовите на разузнавачките и специјалните служби. Тешката битка за Доњецката област продолжува. Иако непријателот ги концентрираше своите најголеми сили во оваа насока, нашите трупи, вооружените сили на Украина, сите одбранбени и безбедносни сили, ја бранат државата. 324 дена од севкупната војна и како се сменија работите за Русија. Веќе се глодаат меѓу себе кој треба да биде заслужен за некаков тактички напредок. Тоа е јасен сигнал за неуспех за непријателот“, изјави украинскиот претседател, Володомир Зеленски.
Специјална единица на украинските сили објави фотографии кои според нив потврдуваат дека е лага руското тврдење оти е заземен Соледар.
„Имаат многу загуби, напаѓаат во бранови и газат по мртвите тела“, рече украински војник.
Руските сили извеле ракетни напади врз критичната инфраструктура во Киев. Градоначалникот Кличко објави дека „се слушнале експлозии во областа Дњепро“. Според него фрагменти од проектил паднале врз нестанбена област во Холосијевски, но дека нема извештаи за жртви. Властите предупредуваат од можни прекини на струја во и околу градот Харков. Напади беа пријавени и во јужниот регион Запорожје. Украинските власти најавија дека можни се и нови напади. Украина соопшти дека нејзините сили одбиваат постојани руски напади на исток.
Регионалниот гувернер на Миколаев, рече дека 17 руски бомбардери „Тупољев“ полетале од воените бази. Неговата изјава дојде веднаш по воздушните напади врз Киев и Харков, кои ја погодија критичната инфраструктура.
Марина Ристова
