Паднат интересот за вакцинација на деца во Куманово
Намален е интересот за редовната вакцинација кај децата од предучилишна возраст во Куманово. Од Здравствениот дом информираат дека антиваксерската кампања, но и бројни други фактори, ја одложија имунизацијата...

Паднат е интересот за вакцинација на деца од предучилишна возраст во Куманово. Од Здравствениот дом информираат дека родителите поради различни причини одбиваат навреме да ги имунизираат своите деца со редовните вакцини. Најчесто поттикнати од антивакцинални кампањи ја избегнуваат МРП вакцината.
„За жал, кај нас МРП вакцинацијата, процентот е најнизок во Македонија, под 50 проценти, што загрижува. Со тоа е опаднат и колективниот имунитет. Во 2019-та година имавме епидемија на морбили, со тоа што многу дечиња беа извакцинирани и како резултат на тој голем број на вакцинирани деца се покажа дека во тој голем број на вакцинирани деца воопшто никој од родителите не пријави некоја несакана реакција“, дополни раководителката на Детски диспанзер во Куманово, специјалист педијатар Валентина Богоевска-Димитриевска.
Здравствените работници велат дека на родителите им укажуваат дека вакцините штитат од болести, односно значајно го подобруваат имунитетот. Во Куманово периодов е зголемен и бројот на деца заболени од овчи сипаници. Вакцина против варичела постои, но во земјава сè уште не е во редовниот календар за имунизација. Оваа вакцина се користи само по потреба.
„За жал сега се шири низ градинките, имаме доста дечиња коишто доаѓаат, коишто имаат прележано варичела, некои од братчиња, сестричиња и тие сега се со варичела, и им одложуваме за два-три месеца зависи индивидуално, и со тоа ги очекуваме за да си ја продолжат редовно имунизацијата“, дополни Богоевска-Димитриевска.
Детето кое прележало варичела добило траен имунитет со кој е заштитен за наредниот период од животот.
Елена Георгиевска
