Струга

Струга бара помош од Владата за изградба на стационар за уличните животни

15.01.2023 10:17

Струга изработи проект за изградба на прифатилиште за бездомните кучиња, но бара помош од државата за негова реализација. Струшкиот градоначалник вели општините се немоќни за решавање на овој горлив проблем на граѓаните. Кичевските активисти пак, бараат општината итно да изгради стационар, тврдат дека во Кичево неделно се убиваат по педесетина улични кучиња...

Општина Струга изработи проект за изградба на прифатилиште за бездомни кучиња. Градоначалникот сега бара помош од Владата да помогне во реализацијата, преку заеднички средства или од ИПА фондовите.

Мерко вели општините немаат капацитет сами да се справат со проблемот со бездомните животни. Потребни се итни измени во законот, грижата да ја преземе Агенцијата за храна и ветеринарство, а општините финансиски да партиципираат.

„Ние веќе поднесовме барање за измена на Законот за заштита на животните, со тоа што апелираме до централната власт оваа обврска се решава само институционално преку институции на централната власт односно АХВ“, вели градоначалникот Рамис Мерко.

Алармантна е состојбата и во Кичево. Таму неделно се убиваат по педесетина бездомни кучиња, велат активистите, кои бараат општината итно да изгради стационар.

„На општината и предлагаме да се изгради стационар, да се соберат бездомните кучиња и да се чуваат во засолниште. Да нема кучиња на улицата, тоа е едноставно решение“, вели Георгија Несторовски активист од Кичево.

Во изминатите две години во Кичево од улични кучиња имало нападнати 489 луѓе, што општината ја чини околу 250.000 евра оштета. Активистите велат со тие пари може да се изгради и одржува соодветно прифатилиште.

Соња Рилковска