Политика

Ахмети: Без уставни измени нема поглавја за ЕУ

15.01.2023 13:27

Да создадеме сојуз за Европа и да ја завршиме домашната задача. Без уставни измени не може да се отвори првото поглавје, порача лидерот на ДУИ Ахмети. На иста линија и СДСМ. Од партијата велат дека треба сите политички сили да за се обединат за европската иднина на земјава. Од ВМРО-ДПМНЕ со став-европската иднина со ДУИ и СДС е загрозена. Остануваат на барањето за предвремени избои во мај...

Политичките партии мора да работат и да ги убедат луѓето дека нема подобро и единствено решение освен Бугарите да станат дел од Уставот и да го отвориме првото поглавје со ЕУ, порача претседателот на Демократската унија за интеграција, Ахмети. Најдоброто решение за нашите проблеми е да создадеме сојуз за обединета Европа, нагласи тој.

ВМРО-ДПМНЕ очекуваат година на промени и повторно повикаа на предвремени парламентарни избори. Не веруваат дека владата ќе собере мнозинство за уставни измени. Собранието нема мандат да менува Устав бидејќи ниту опозицијата учествувала во креирање на тој договор, ниту опозицијата се согласила со тој договор, ниту, пак, излегла пред граѓаните да ветува дека ќе има уставни измени, децидни се во ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката СДСМ пак ги повика партиите од власта и опозицијата да се обединат во остварувањето на евроинтегративните процеси. Според нив опозицијата треба да го гледа државниот и националниот интерес за да продолжат преговори и отворањето поглавја во пристапниот процес кон полноправно членство на ЕУ.

Владејачките партии повикуваат на обединет фронт за изгласување на уставните измени за вметнување на Бугарите во уставот, за да продолжи патот кон ЕУ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира на предвремени избори како единствен излез од како што велат националното предавство и очајната економска состојба во државата.

Игор Панов