„Меѓаши“

Расте бројот на деца жртви на семејно насилство

15.01.2023 13:39

121 пријава стигнала на телефонската линија за деца и млади Ало бушавко во Меѓаши минатата година. Расте бројот на деца жртви на семејно насилство. Емоционалното и психичкото вознемирување најчесто доаѓа од родителите, велат надлежните. Посочуваат да се реагира навреме за да не биде загрозен животот на децата...

Расте бројот на деца жртви на семејно насилство. Лани, 121 пријава стигнала на телефонската линија за деца и млади Ало Бушавко во Меѓаши, покажува годишниот извештај на Првата детска амбасада. Емоционалното и психичкото вознемирување најчесто доаѓа од родителите. Според извештајот децата се ставаат во незавидна положба да мораат да изберат еден од нив кој најмногу го сакаат или се спречени да го гледаат еден од родителите. Караниците, нарушените односи, и бракоразводните парници ги правата децата анксиозни, вознемирени, со нарушено расположение и гневни.

Статистиката во изминатите пет години покажува дека во пораст е семејното насилство, а се помалку деца трпат физичко насилство. Од вкупно 441 дојава, 45 биле за деца кои биле физички малтретирани.

Во 2021 – 64 дојави за физичко насилство

2020 – семејни односи 112, физичко насилство – 22

2019 – семејни односи 13 од кои физичко насилство во семејството – 4

2018 – семејни односи 13 од кои физичко насилство во семејството – 0 пријави

Од Меѓаши оценуваат дека соработката со институциите се подобрува, но според нив е потребно надлежните да реагираат на секоја претставка бидејќи во спротивно може да биде загрозен животот на децата. Од Првата детска амбасада велат дека сè уште има случаи кои затајуваат со години.

Викторија Милевска