Концерт на оркестарот на Филхармонија со врвната саксофонистка Фатејева
Оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Ава“ (арх.воздух, поднебје, клима) на кој како солистка ќе настапи една од најдобрите саксофонисти во класичната музика – Асја Фатејева од Крим, Германија...

Во петок, во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Ава“ (арх.воздух, поднебје, клима) на кој како солистка ќе настапи една од најдобрите саксофонисти во класичната музика – Асја Фатејева од Крим, Германија.
На програмата се Рапсодија за алт-саксофон и оркестар од Клод Дебиси, Концертор за саксофон и оркестар „Талахачи“ од Јакоб Тер Велдхаус кој ќе биде изведен за првпат во Македонија и Симфонија бр. 10 од Дмитри Шостакович. Диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.
Рапсодијата за алт-саксофон и оркестар, напишана од францускиот импресионист Клод Дебиси, позната и како „Мавританска“ и „Ориентална рапсодија“ е компонирана во 1911 година, како дело за саксофон и пијано.
Оркестрирана е во 1919 година од страна на композиторот Жан Роже Дукас. Напишана во типичниот авторски стил по кој е препознатлив Дебиси. Во неа има музички импресионизам во сите бои и нијанси, меки прелевања и специфична атмосфера, толку препознатлива за музичкиот опус на Дебиси.
Саксофонот меко и без претензии ја раскажува приказната, а оркестарот преку интензивниот колорит на мелодиите и оркестарските бои суптилно се надоврзува на солистот и заедно креираат експлозија од емоции, бои и динамика.
