Редовна исплата на платата и право на слободни денови - најважни за работниците
Во минатата година во трудовиот инспекторат стигнале речиси 300 поплаки од работници. Инспекторите велат дека со засилени контролиги штитат правата на сите вработени...

Редовна исплата на платата, почитување на законот за минимална плата, право на слободни денови и боледување, почитување на мерки за безбедност и здравје при работа, важни точки за секој вработен, но недоволни за обединување.
Денот на трудот едните го одбележаа на плоштадот Македонија со флаери и цвеќиња. Други, во Жена борец со транспаренти.
„Прв пат синдикати се приклучуваат кон протест за 1 Мај. Прв пат нема да го искажуваме својот револт, туку на Влдата ќе и испорачаме и барања“, вели Здравко Савески.
Во минатата година во трудовиот инспекторат стигнале речиси 300 поплаки од работници. Инспекторите велат дека со засилени контролиги штитат правата на сите вработени.
„Ретки се случаите каде што се исплаќа плата помала од минималната. Тогаш инспекторот го задолжува работодавачот да му исплатати до износ на минималната. Почести се случаите кога работодавачите не исплаќаат редовно плата, доцнат по неколку месеци“, изјави Златко Стојановски, од Државен инспекторат за труд.
Пишуваат казни до десетици илјади евра, велат тоа ги освестува несовесните газди. Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека со ССМ разговараат за флексибилно работно време за да може правилно да се искористуваат квалитетот и потенцијалот на работниците.
„Максимумот од 48 часа не може да биде во текот на целата година. Туку треба да се направи баланс и да се разговара како ќе ги контролираме овие појави и како ќе можеме од тие појави да искористиме бенефит“, смета Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.
Македонскиот просек на работни часови е усогласен со европската директива. Пет дена да се работи по 8 часа, дозволено ево некоја работна недела да се работи и по 48 часа, но работникот не смее да има повеќе од 180 часови прекувремена работа годишно.
Во Данска 94 насто од работниците се задоволни со условите на работа, покажуваат резултатите од истражувањето на бриселскиот Евробарометар. Следуваат Австрија, Белгија, Финска и Холандија.
Синдикалните лидери не можеа да кажат кога вакви резултати ќе забележиме и кај нас. Се надеваме дека нема да чекаме долго.
Наташа Јанчиќ
