Хуманитарна акција за лекување на повредена жена
Невладината „Хумани стружани“ собира финансиски средства за лекувањето на повредена жена од Албанија, која живеела во Струга, откако пред неколку денови беше прегазена и оставена на пешачки премин. Возачот не укажал помош, избегал, а повредената во критична состојба е хоспитализирана. Трошоците за нејзиното лекување растат, ќе треба уште една операција. Од СВР Охрид велат се работи на расчистување на случајот...

Ја прегази автомобил, a возачот избега, повредената жена е во болница и нема пари за лекување. Несреќата се случи пред неколку денови, во ноќните часови, кога 58-годишна жена од Албанија, која живеела во Струга била прегазена на пешачки премин и оставена на улица.
Со тешки повреди и крварење на мозокот, во критична состојба е хоспитализирана во Специјалната болница „Свети Еразмо“. Оперативните зафати засега чинат над 3000 евра, невладината „Хумани стружани“ собира пари за лекување.
„Пред неколку денови беше прегазена една жена на пешачки прмеин. Случаен минувач пријави во полиција. Жената е во критична состојба сакаме да и помогнеме да собереме пари за сметката во болница, операцијата чини околу 3000 евра“, вели Шкелзен Ајрулаи од НВО „Хумани стружани“.
Хуманитарните организации ги повикуваат возачите да возат повнимателно и да покажат човечност и хуманост, да помогнат на жртвите.
„Апелираме до сите возачи да бидат повнимателни. Хуманоста се покажува ако се помогне“, додава Ајрулаи од НВО „Хумани стружани“.
Повредената жена е од Албанија, живее и работи во Струга, но немала здравствено осигурување. Таа е сè уште во болница, од каде велат ќе треба уште една операција на потколеницата, а трошоците за лекување ќе растат. Од СВР Охрид велат се работи на расчистување на случајот.
Соња Рилковска
