Бугарија

Радев го врачи третиот мандат на „БСП за Бугарија“ за формирање влада

16.01.2023 12:32

Претседателот Радев на бугарските социјалисти им го врачи мандатот за нова влада. По неуспешните два обида од ГЕРБ и Продолжуваме со промената, ова е последна можност БСП да формира нова извршна власт. Во спротивно, Бугарија оди на нови избори, петти за две години...

Бугарските социјалисти го добија од претседателот Радев мандатот за формирање влада. Според Уставот, ова е последната можност нашиот источен сосед да добие нова извршна власт, откако претходно пропаднаа двата обида на ГЕРБ и продолжуваме со промената. Доколку и БСП не успее да формира Влада, сè поизвесно е дека Бугарија ќе оди на нови парламентарни избори, кои би биле петти во последните две години. Претседателката на партијата Нинова најави дека неделава Националниот совет ќе заседава и ќе одлучи од кои пратенички групи во Собранието ќе бара поддршка за нов владин кабинет.

„Ќе направиме сè што зависи од нас за да имаме редовна влада. Во претходните обиди докажавме дека со колегите од другите парламентарни партии можеме да разговараме разумно и смирено, со одговорност кон националниот интерес на земјата. Ќе продолжиме да бараме договор и да формираме редовен кабинет, што е неопходно за нашата земја“, рече Корнелија Нинова, претседателка на БСП.

Партиите застапени во Собранието поделени во ставовите. Најголем дел од нив се подготвени да разговараат, бидејќи сметаат дека нови избори не се опција. И претседателот Радев очекува излез од политичкиот ќорсокак.

„По неуспехот на првиот и вториот мандат да се формира влада, ви доверувам да именувате кандидат за премиер. Бсп го зачува дијалогот со сите партии и покажа дека може да прави компромиси, да коалицира и да владее заедно со идеолошките противници“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.

Од исходот од разговорите со другите партии ќе зависат и следните чекори на бугарските социјалисти. Доколку има договор кој гарантира мнозинство во Собранието, партијата ќе решава за составот на кабинетот дали да биде политички или експертски и да ги презентира владините приоритетите. БСП сè уште нема кандидат за премиер. За тоа ќе се разговара со партиите што ќе се согласат на дијалог. Нинова е оптимистка дека сè уште има шанса за формирање влада.

Милчо Велески