Тетово

Одложено рочиштето за модуларната болница во Тетово

16.01.2023 12:48

Одложено денешното судско рочиште за пожарот во модуларната болница во Тетово. Еден од обвинетите не дојде на расправата поради здравствени проблеми. Пред да започне судењето група тетовци одржаа мирен протест пред тетовскиот суд за поддршка на доктор Бобан Вучевски..

Одбраната на Артан Етеми, второобвинетиот за пожарот во модуларната болница, посочи дека неговиот клиент не дошол поради нарушено здравје, оти починала неговата мајка. Судијата одлучи, судското рочиште да го закаже на 31-ви месецов.

Пред да започне денешното судење, пред тетовскиот суд се собраа група граѓани кои му дадоа поддршка на третообвинетиот, доктор Бобан Вучевски. Велат дека вината треба да се бара на друго место. На докторот наместо да му се суди, треба да добие награда за лекарската хуманост и пожртвуваност.

Пред тетовскиот суд беа присутни и роднини на загинатите во пожарот во модуларната болница. Посочија дека има и други виновници, кои не се седнати на обвинителната клупа.

На денешното судско рочиште требаше да сведочат роднините на загинатите во модуларната болница.

За пожарот во кој настрадаа 14 лица, тетовското Обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорим Бесими и Артан Етеми, за кривично дело тешки дела против општата сигурност и доктор Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, додека правното лице Клиничка Болница Тетово, за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната, настанал како последица на запален продолжен кабел.

 

Зоран Димовски