Москва и Киев со меѓусебни обвинувања за нападот врз станбената зграда
Расте бројот на загинати и повредени, а Москва и Киев со меѓусебни обвинувања за нападот врз станбена зграда во Дњепар. Украина воведува санкции кон стотици граѓани вмешани во руската инвазија, меѓу нив руски новинари и актери. НАТО најави нови испораки тешко вооружување од западот за Украина...

Жестоки гранатирања на истокот на Украина. Нападнати воени позиции и цивилни населби во Луганск и Доњецк. Расте бројот на загинати и повредени во ракетниот напад врз станбена зграда во Дњепар. Се верува дека деветкатницата била погодена со ракета со долг дострел. Потрагата по преживеани продолжува.
„Експлозијата многу траеше. Можеби западните партнери можат некако да ни помогнат со некои системи кои можат да запрат вакви проектили. Тука нема ниту еден воен објект. Ова е станбена област.“, рече Ирина Федорченко, преживеана од напад.
Русија ги призна ракетните напади низ неколку украински региони. Кремљ обвинува дека трагедијата во Дњепар е резултат на украински ракети и противвоздушна одбрана.
„Руските вооружени сили не напаѓаат станбени згради или објекти на социјална инфраструктура. Тие погодуваат воени цели кои се очигледни или камуфлирани“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Киев воведува санкции кон 200 граѓани вмешани во руската инвазија. Меѓу санкционираните се голем број истакнати руски новинари, ТВ водители и актери. Злото секогаш се сеќава на оние што се плашат од него или се обидуваат да се пазарат со него, вели украинскиот претседател по нападот врз станбена зграда.
„Десетици луѓе беа спасени под урнатините, меѓу кои и шест деца. Ние се бориме за секој човек. Спасувачката операција ќе трае сè додека има и најмала шанса да се спаси живот“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Во услови на постојана загриженост дека Москва го турка Минск во војна во Украина, Русија и Белорусија на заедничка воени вежби до први февруари. Претходно, НАТО најави нови испораки тешко оружје од Западот за Украина. Франција, Германија и САД ветија дека ќе испратат оклопни возила и тенкови. Руската дипломатија оцени дека испораките нема да го забрзаат крајот на воените непријателства, туку само ќе ги засилат.
Маријана Димовска
