Посета

Османи во Украина порача да се стави крај на безумието

16.01.2023 13:15

Мораме да работиме да престане страдањето, потребна е итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна- од градот Бородјанка во киевската област, посочи шефот на дипломатијата Османи, кој во посета на Украина е во улога на претседавач на ОБСЕ...

Поддршка за Украина од претседавачот на ОБСЕ, Османи, при посетата на Бородјанка во околината на Киев. Шефот на дипломатијата изрази жалење за сите невини жртви, илјадниците бегалци и разурнатите домови од руската агресија. Го осуди нападот на станбена зграда во Дњепар, каде што пред два дена загинаа над 40 луѓе, а над 70 се ранети.

„Како претседавач на ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја запре оваа војна, да ги повлече своите сили од Украина, да се врати на принципите и вредностите на организацијата и на дипломатијата. Човечкото страдање мора да запре. Обединетите нации регистрирале над 80 илјади жртви од почетокот на агресијата, а вистинската бројка на убиени и ранети е веројатно поголема. 18 милиони Украинци се бегалци во Европа, а 5 милиони внатрешно раселени. Сите одговорни за овие ужасни дела мора да се сметаат за виновни“, нагласи шефот на дипломатијата, Османи.

„Разговаравме како да спречиме провокации од Руската Федерација, што може да го наруши угледот на ОБСЕ со дејствијата во Украина. Од претседавачот со ОБСЕ побарав да посвети внимание на киднапирањата на украински деца и нивно насилно усвојување од страна на окупаторот. ОБСЕ може и очекуваме да придонесе за запирање на овие киднапирања“, нагласи украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба.

Неиспровоцирана агресија е кршење на меѓународното право, потенцијална закана за регионот, но и извор на страв и несигурност за цел свет, посочил Османи. Упатил порака дека Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ ќе се залага да најде начин повторно да ја врати мисијата во Украина. Тој, исто така, порача дека комуникацијата со Русија ќе зависи од тоа како ќе се однесува кон принципите и заложбите на организацијата, за што Османи нема да дозволи никакви компромиси.

Ирина Гелевска