СДСМ ги враќа мандатите, ќе одлучува на Конгрес за следните чекори

01.05.2014 17:37

Одлуката за неприфаќање на мандадите е образложена со оценката дека претседателските и предвремените парламентарни избори биле, како што стои во соопштението, криминални, нефер и недемократски...

34 -те добиени мандати со гласовите на околу 290.000 граѓани Социјалдемократите одлучија  да не ги прифатат. Одлуката на највисокото партиско тело била едногласно донесена. И за денес првично беше најавувана прес конференција, но од партиското седиште пристигна само соопштение, во коешто меѓудругото стои:

„Централниот одбор му даде поддршка на раководството на СДСМ, предводено од претседателот на СДСМ, Зоран Заев да продолжи со прецизирањето на активностите на СДСМ во насока на создавање услови за организирање фер и демократски избори во Република Македонија“.

Одлуката за неприфаќање на мандадите е образложена со оценката дека претседателските и предвремените парламентарни избори биле, како што стои во соопштението, криминални, нефер и недемократски.

СДСМ не ја искористи можноста преку приговори до ДИК да ја докаже ваквата квалификација, па вчера и Рилковски и Дума, инаку делегирани од СДСМ во ДИК гласаа за заклучокот дека Иванов е избран за претседател на државата.

Според партиски информации, синоќа атмосферата на Бихаќка била тензична, а дел од екс- пратениците побарале оставка од Заев.

Дали Заев ќе остане на партиското кормило, ќе одлучат делегатите на Конгресот најавен за 11-ти мај.

 

Виолета Димовска