Лозарите задоволни од исплатата на грозјето
Со кредитна линија на Владата од 90 милиони денари, почна исплатата на лозарите за предаденото грозје во винарската визба „Повардарие“. Лозарите задоволни што ќе можат навреме да ги почнат подготовките за новата реколта. Во наредните две недели ќе бидат исплатени сите лозари...

Драги Чомов од Неготино е само еден од 1.100-те лозари од Тиквешкиот регион кој деновиве ги доби парите за предадениот род од последната реколта грозје во винарската визба Повардарие. Вели, парите дојдоа во вистински момент оти работите на лозовите насади веќе започна.
„Овие парите се добредојдени бидејки штотуку започна новата реколта, така да за да можеме да ги подмириме трошоците за ѓубрива, аргати да се платат“, рече Чомов.
За исплата на кооперантите на Повардарие, Владата обезбеди кредитна линија во висина од 90 милиони денари. Овие пари се доволни за побарувањата на сите 2.359 лозари од тиквешкиот регион. За Чомов ова е потврда дека она што на последната средба го договорија лозарите со вице- премиерот Зоран Ставревски се остварува.
„Јас лично гледам и мислам дека нема да не изневерат и дека со нивна несебична заложба ќе успееме да пребродиме во животот да ги школуваме децата , одгледуваме лозјата и така натаму“, додава Чомов.
Винаријата „Повардарие“ беше единствена која во законски определениот рок не го исплати откупеното грозје. Според информациите со кои располага МРТ, преостанатите 1.259 лозари во наредните две недели на своите трансакциски сметки ќе ги добијат парите за предаденото грозје во овиаа винарија.
Дијана Иванова
