ДУИ

Ахмети: Нема да го сменам Груби

16.01.2023 15:05

Претседателот на ДУИ, Ахмети, како одговор на огнената група на ДУИ, предводена од Изет Меџити, им порача дека нема намера да го смени првиот вицепремиер Артан груби. ВМРО-ДПМНЕ бара Талат Џафери да даде одговор во кое својство присуствува на партиски настан ДУИ. Со неговото учество на овие партиски активности се крши Уставот-велат од опозициската партија...

Лидерот на ДУИ Али Ахмети на средба со сопартијците и граѓаните на Гостивар, јасно им порача на „огнените“ дека нема намера да го смени првиот вицепремиер Артан Груби.

„Грешат и јас им кажав, две години се молев, треба да се мисли за крајот, а не на почетокот затоа што се памети крајот. 10 години сакаа да го тргнат Муса Џафери од вицепремиер, јас не го сменив, затоа што ја почитувам волјата на мнозинството, инсистираа Абдилаќим Адеми да биде сменет од вицепремиер, но јас не го отстранив затоа што ја испочитував волјата на мнозинството. Сега велат, тргни го Артан, ви велам нема да го сменам затоа што тоа е одлука на мнозинството, порача Ахмети.

За позицијата на Ахмети, потпретседателот на ДУИ вели дека тој е неприкосновен и дека тука нема никакви дилеми, додавајќи дека ако некој сака целата ситуација да ја прикаже како политичка војна меѓу нивната група и Ахмети нема да успее.

„Тој е лидер, претседател на партијата и ние со сите овие чекори сакаме пак да го вратиме да биде претседател на сите во партијата. Тој да биде претседател на партијата, а не да фати страна. Во случајот впечатокот на членството е дека Груби функционира како клан, и Ахмети е како заштитник на тој клан. Мислам дека треба да се врати на првобитната позиција претседател на Демократската унија за интеграција, неприкосновен на сите, како што функционирал во минатото“, вели Изет Меџити, потпретседател и пратеник на ДУИ.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски бара одговор од Талат Џафери во кое својство присуствува на настан на ДУИ, како спикер или партиски функционер?

„Функцијата Претседател на Собранието е неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија“. Дали Талат Џафери на Информативната средба „Заедно за Европа“ на претседавачот на ДУИ Али Ахмети, со граѓаните во Гостивар, во средното техничко училиште, присуствуваше како член на Централниот одбор на ДУИ или како претседател на Собранието?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Мицевски дополнува дека Уставот мора да се почитува, еднаков е за сите граѓани.

Игор Панов