Екологија

Нуредини: Гледајте сè, не верувајте во сè

16.01.2023 15:17

Министерот Нуредини вели дека сите апликации што покажуваат евентуално загадување на воздухот можат да бидат од корист, но оти официјални се бројките само на Министерството за животна средина...

Гледајте сè, не верувајте во сè! Министерот Нуредини вели дека сите апликации што покажуваат евентуално загадување на воздухот можат да бидат од корист, но оти официјални се бројките само на Министерството за животна средина. Рангирањето на земјава како најзагадена во светот може да има и комерцијална позадина, вели тој.

„Ние имаме 21 плус една мобилна мерна станица. Тие се сите според стандардите на Европската агенција за животна средина. Тие се многу скапи мерни станици, повеќе од 100 илјади евра, нашите закони се усогласени според европските директиви и ние инвестираме само во такви мерни станици. IQ Air мислам дека е на приватен портал од Швајцарија, второто е компанија што продава филтри за домаќинства. Ние секогаш им велиме на граѓаните да имаат вакви апликации, но нашите мерни станици се единствените во државата кои даваат податоци кои се точни“, изјави Насер Нуредини – Министер за животна средина.

Во моментот сите мерни станици на Министерството се во функција, а министерот порача дека за состојбата граѓаните можат да се информираат на air.moepp.gov.mk. Сепак, во моментот кога се обидовме да погледнеме каква е состојбата со воздухот, страницата не функционираше.

 

Катерина Топалова