Изгоре млекарница во кумановско Романовце
Изгоре млекарница во кумановско село Романовце. Повредени во пожарот нема, но е причинета голема материјална штета. Според сопствениците машините чинеле над двесте илјади евра. Опожарената фабрика иако не функционира од пандемијата, била осигурана…

Целосно изгоре млекарница во кумановско село Романовце. Повредени во пожарот нема, но причинета е голема материјална штета. Увидот треба да покаже од што и како настанал пожарот.
Пламените јазици целосно ги уништиле машините, производствениот погон, лабораторијата, и неколкуте помошни простории.
Сопствениците на фабриката раскажаа дека пожарот избувнал нешто по 18 часот. Уништените машини чинеле над двесте илјади евра.
„Кога дојдовме скоро сè беше уништено, пожарникарите веќе беа овде, потоа дојде и полиција и така до 22 часот бевме овде сè додека пожарот не се стави под контрола. Млекарата беше во целосна функција со голем капацитет на производство со комплет машини, лабораторија, сето тоа е веќе уништено“, изјави Реџаил Мустафи, сопственик на млекарница.
Опожарената фабрика иако не функционира од пандемијата во 2020-тата година, била подготвена за повторно активирање.
„Беше во план по извесен период да се активира, но сега веќе се е изгорено“, дополни Мустафи.
Опожарената фабрика била осигурана.
Елена Георгиевска
