Утре се отвара туристичката сезона на Охридското крајбрежје

01.05.2014 17:47

Холанѓаните утре ќе ја отворат туристичката сезона на охридско-струшкото крајбрежје. Утре наутро пристигнува првиот чартер лет и само од земјите на Бенелукс во наредните пет и пол месеци се очекува бројот на гостите да биде над 25.000. Покрај нив во поголем број се најавени туристи од Турција, Полска, Данска и други западноевропски земји,што ветува успешна туристичка сезона...

Со првиот чартер лет Амстердам-Охрид на холандскиот туроператор „Корендон„ утре холандските туристи ќе ја отворат туристичката сезона.Туристите од земјите на Бенелукс на охридско-струшкото крајбрежје ќе бидат присутни до средината на октомври,а според најавите нивниот број ќе биде поголем од лани.

„Со чартер летови од 2 мај три пати неделно и во главната сезона 4 пати неделно ќе доаѓаат гости од Холандија и Белгија“, вели Асим Меѓедовиќ- директор на „Фибула Ер Травел“.

За првомајските празници во Охрид доминираат странските туристи,што се должи на тоа што утре е работен ден.

Многу е убаво, воздухот е лесен и пријатен, многу ми се допаѓа“, вели туристка од Бугарија.

Иако бројот на туристите во споредба со лани е намален, а првомајските празници секогаш биле показател за тоа каква туристичка сезона може да се очекува,хотелиерите велат дека овој пат нема да биде така.

Сезонава сите индикатори кои ги има,со сите најави кои се пристигнати досега и сите резервации од странските гости,со ова мислам на операторите кои работат чартер летови кон Охрид од Бенелукс бројката ќе биде поголема“, изјави Дончо Танески- претседател на ХОТАМ.

За доаѓањето на поголем број туристи секако голем продонес има реновирањето на хотелските објекти, а покрај веќе традиционалните посетители годинава се очекуваат поголеми организирани групи од Полска и Данска.

Новина е и тоа што за прв пат ќе биде воспоставен чартер лет Анталија-Охрид.

 

Сашо Нелоски