Подготовки

Почна чистењето на каналите на оризовите полиња

17.01.2023 08:15

Почнуваат подготовките за новата реколта за производство на ориз. Од Водостопанската подружница од Кочани велат дека сè уште нема доволни количества на акумулирана вода, но според досегашната динамика на полнење се надеваат дека ќе се обезбедат минималните 80 милиони кубни метри, потребни за наводнувањето да почне во текот на април...

Водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани почна со чистење и оспособување на каналската мрежа пред почетокот на новата сезона за наводнување на оризовите полиња во регионот.

Се чистат земјени канали во должина од над триесетина километри во атарот на општината Чешиново-Облешево, а во февруари и март треба да се оспособат уште околу 200 километри канали на полињата што го покрива хидросистемот.

Од водостопанството велат хидролошката состојба е неповолна и реките имаат исклучително низок водостој за овој период од годината. Во моментов во браната Калиманци се акумулирани 51 милион кубни метри што е 45 проценти од максимален капацитет, а во голем дел тоа е резултат на планско работење претходната сезона, кога се заштедени околу 35 милиони кубни метри вода.

Според експертите, со досегашната динамика на полнење на акумулациите, ќе се обезбедат минималните 80 милиони кубици за наводнувањето да почне во текот на април. Планот за наводнување, што обично се прави на почетокот на годината, ќе биде одложен и ќе се прави според хидролошката состојба во текот на февруари. Од тоа ќе зависи дали ќе има и намалување на површините со ориз, кој претходната сезона беше засеан на околу 4.100 хектари.

Методија Трајков