Давос

Пендаровски на годишниот состанок во Давос

17.01.2023 11:52

Претседателот Пендаровски учествуваше на Светскиот економски форум во Давос. Говореше на панел-сесијата „Во одбрана на Европа“. Во фокусот руско-украинскиот конфликт. Пендаровски апелираше по завршувањето на војната во Украина да се одржи трансатлантското единство и солидарноста. Претседателите на Полска и Литванија, со порака-Европа да остане обединета...

Војната во Украина е најголема безбедносна закана за Европа, но ранлив е и западниот Балкан поради руската пропаганда, дезинформациите, кибер нападите, посочи претседателот Пендаровски на економскиот форум во Давос. Шефот на државата оцени дека сепак охрабрува покажаната солидарност, не само на европско ниво, туку и трансатлантската солидарност.

„Имаме две ранливи точки на западниот Балкан: Република Српска и северно Косово. Режимот на Путин и пред војната во Украина се обидува да ги провоцира луѓето таму за да го наруши интегритетот на овие две држави. Лани, таквата пропагандна војна, дезинформациите, кибер нападите ослабнаа по почетокот на војната во Украина оти Путин се бори со одбраната од западните земји. Сметам дека ако Русија се обиде да го одвлече вниманието на западот од војната во Украина, западниот Балкан е поранлив на пропаганда од Балтикот. Мора да се справиме со тоа како сојузниците во НАТО, членки или кандидати за ЕУ“, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Полскиот претседател Дуда смета дека војната во Украина ќе запре ако западните држави продолжат да испраќаат оружје за одбрана на земјата.

„Ако и натаму испраќаме воена опрема, Украина сè уште има шанса да ги победи руските сили. Затоа мора да испратиме и тенкови“, вели Анджеј Дуда, претседател на Полска.

Литванскиот претседател пак предупреди дека војната во Украина со економските и енергетските последици ги исцрпува демократските држави.

„Западните општества можат да се заморат од војната во Украина поради високата инфлација и скапи енергенси. Политичарите ќе се насочат на решавање на овие проблеми, но мора да останеме обединети и независни од руски енергенси“, истакна Гитанас Науседа, претседател на Литванија.

Претседателот Пендаровски укажа дека е потребно да продолжи единството и солидарноста и по завршувањето на војната во Украина, за како што додаде да се обесхрабрат тоталитарните сили и да се задржи светската демократија.

 

Ирина Гелевска