Советникот на Зеленски поднесе оставка
Не запираат борбените дејствија во Украина. Киев и Москва и натаму со меѓусебни обвинувања за цивилните жртви. Жестоки реакции по изјавата на советникот на Зеленски по нападот на Дњепар. Олексеј Арестович, поднесе оставка...

Киев нема да отстапи од својот став, можни се преговори со Москва само откако руските трупи ќе се повлечат од украинска територија, вели украинскиот министер за одбрана. Според него, руската „специјална воена операција“ е неуспешна, но Кремљ се обидува да ги заземе регионите Доњецк и Луганск за да се прикаже како успешен пред електоратот.
„Нивната стратегиска цел е да седнат на преговарачка маса по свои услови, заканувајќи се со ескалација. Кремљ сака да го спаси лицето, како да е победник. Откако ќе стане јасно и очигледно, и Русите ги повлечат своите трупи од територијата на Украина, можеме да седнеме со нив на преговарачка маса“, изјави Олексиј Резников, министер за одбрана на Украина.
Околу 100 украински војници пристигнаа во Оклахома на обука за ракетниот одбранбен систем Патриот. Најавената помош од САД, Франција, Германија, Велика Британија ги охрабрува украинските власти, но според претседателот Зеленски, на земјата и се потребни нови резерви со оружје. Природата на битките на фронтот бара нови решенија.
„Русија подготвува нов обид да ја преземе иницијативата во војната. Факт е дека природата на борбите на фронтот бара нови решенија во снабдувањето со одбрана. Сето ова само нагласува колку е важно да се да ги координираме нашите напори на сите членови на одбранбената коалиција на Украина, како и да го забрзаме донесувањето одлуки“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Според украинските власти, руските напади врз Бахмут и блискиот град Соледар се интензивирани. Кремљ тврди дека руските сили веќе го зазеле Соледар, но Киев негира, контролата за малиот град продолжува. Рускиот министер за одбрана, посети еден од штабовите на руските војници во Украина.
„Вие достоинствено ја извршувате вашата служба, ја чувате нашата татковина. Помагајте им на оние на кои треба да им се помогне, направете се за да го приближите денот кој се нарекува ден на победата. Сигурен сум дека ќе направиме се за овој ден да се случи“, изјави Сергеј Шојгу, министер за одбрана на Русија.
Руските ракетни напади и ниските зимски температури вршат се поголем притисок врз локалните власти. Киев ја обвинува Москва дека напаѓа цивили и клучна инфраструктура и го загрозува снабдувањето со електрична енергија, вода и затоплување. Западните сојузници мора да го забрзаат распоредувањето на противвоздушни одбранбени системи, апелира градоначалникот Кличко од форумот во Давос.
„Во моментов добивме многу голема поддршка, но тоа не е доволно. Ни требаат антиракетни системи. Треба да ги браниме нашите граѓани, цивили од руски ракети. Наскоро ќе биде една година од катастрофата во Украина. Наш главен приоритет е да ја запреме оваа бесмислена војна. Тоа е приоритет за целиот свет“, рече Витали Кличко, градоначалник на Киев.
Во меѓувреме, Алексиј Арестович, еден од советниците на украинскиот претседател, поднесе оставка поради изјавата за смртта на цивили во Днепар, што предизвика бурни реакции низ Украина. Имено, тој вели дека ракетата што паднала врз зградата била резултат на противвоздушна одбрана. И натаму 25 лица се водат како исчезнати по ракетниот напад на станбен блок викендов, во кој загинаа најмалку 40 луѓе, меѓу кои три деца.
Маријана Димовска
