Македонија

Управата со нов директор, Мемети се бара

17.01.2023 13:03

Директорот на Управата за извршување на санкции не сака да ја коментира најавата на премиерот Ковачевски за негова смена. МТВ побара став и за контролата во „Идризово“, по бегството на Мемети, но тој вели - повеќе не барајте ме. МВР интензивно трага по бегалецот, се уште не се знае, дали е во земјава или пребегал во странство...

Сè уште актуелниот директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, одбива да ја коментира изјавата на премиерот Ковачевски и постапката за неговото разрешување.

МТВ побара став, но тој ги замоли медиумите како што рече, да не му вршат притисок. Неговата смена ја најави премиерот Ковачевски, но не на денешната редовна седница, тука на една од наредните, бидејќи не бил задоволен од неговата работа. Засега, одговорност не се бара за директорот на „Идризово“, Шпенд Тахири, неодамна назначен на директорското место кој го добил во консултации со меѓународни институции, рече Ковачевски. Полицијата и натаму трага по бегалецот Мемети.

Се прибираат информации за неговото движење, нема информации дали можеби пребегал во странство. Министерот Спасовски се оградува од нападите врз МВР, вели дека никој не треба да ги напаѓа заради дневно-политички цели, затоа што затворската полиција нема врска ниту со МВР ниту со судската полиција. По извршениот вонреден инспекциски надзор во затворот „Идризово“ биле констатирани повеќе пропусти, кои осуденикот Беким Мемети ги искористил за да го испланира бегството.

Еден од пропустите е одлуката затвореникот да биде спроведен во клинички, што командирот на одделението ја донел и потпишал, без упат од здравствен работник и без да го извести директорот на затворот.

Претходно, судот им определи мерка притвор од осум дена на командирот и двајца затворски полицајци, за кои постои основано сомнение дека како службени лица, со умисла, му помогнале и му овозможиле на осуденикот Мемети да избега од „Идризово“. На четвртоосомничениот му е изречена забрана за напуштање на домот и привремено му е одземен пасошот за преминување на државната граница.

 

 

Александра Максимовска