Нема интерес и за вториот Јавен повик на Град Скопје
Напладне истече рокот за вториот јавен повик на Град Скопје за ангажирање приватни превозници на линиите 9,11 и 12. Од градските власти повторно молк. Нема информација дали некој се пријавил. Првиот повик за линиите 20 и 22 пропадна. Приватниците револтирани бидејќи Арсовска го раскина договорот со нив и не се пријавија. Градоначалничката на Скопје тврди дека ЈСП има доволно автобуси...

Јавниот сообраќај во Скопје останува со помалку автобуси и за линиите 9, 11 и 12. Откако немаше интерес за првиот, пропадна и вториот јавен повик да се најдат приватни превозници. Од Град Скопје велат, бидејќи нема истакнат интерес, ЈСП Скопје продолжува со сопствен капацитет да извршува непречен, навремен и стандардизиран јавен превоз, а годинава ќе се работи на подобрување на услугите.
Сè додека не им се исплати долгот, приватните превозници нема да се пријават на ниту еден јавен повик, вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз“. Според него, градоначалничката Арсовска на нечесен начин ги елиминирала превозниците. Сега вели,тие се плашат дека и да работат, нема да си ги добијат чесно заработените пари.
На 9 февруари е закажано првото судско рочиште за тужбата на приватните превозници кон ЈСП. Јовановски смета на пресуда во нивна корист. За долготрајно решавање на проблемот со приватниот превоз очекува средба со премиерот Ковачевски. Дополнително УЈП и финансиската полиција ја чешлаат работата на ЈСП.
Градоначалничката Арсовска, пак, тврди дека градот може да функционира и без приватните превозници, бидејќи, според неа, во тек е реформа на ЈСП, превозот е организиран, а наредната година ќе се набават нови автобуси.
Викторија Милевска
