Ахмети: Мнозинството е стабилно, но може да се прошири
Парламентарното мнозинство е стабилно, тврди лидерот на ДУИ, Ахмети. Не ја исклучува и можноста да се прошири, како што рече, во една заедничка алијанса за Европа. Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека меѓународен фактор бара партијата да влезе во владата. ВМРО-ДПМНЕ побара да објасни кој е тој меѓународен фактор...

Парламентарното мнозинство е стабилно, тврди лидерот на ДУИ. Ахмети најавува и проширување, алудирајќи на обидот за влез на Алијансата за Албанците во Владата, што го објаснува како алијанса за Европа. Тврди дека ова не е поврзано со „огнената група“.
Претседателот на Алијанса за Албанците Таравари не ја отфрла можноста да бидат дел од Владата. Тврди дека учеството во извршната власт го барал меѓународен фактор и дека сега не е време за избори. Според него, за прогресот на државата важни се уставните измени. Другата опција за Таравари е да се оди веднаш на избори.
Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Таравари да објасни кој е тој меѓународен фактор што бара Алијанса да влезе во Влада. Во спротивно, според партијата, позадината е друга.
Најголемата опозициска партија останува на ставот дека предвремени избори треба да има во мај напролет, и дека овој парламент нема мандат за уставни измени. Од СДСМ пак возвраќаат-редовни избори во 2024 година, заедно со претседателските.
Игор Панов
