Политика

Парламентарното мнозинство е стабилно, можно е да се прошири- тврди Ахмети

17.01.2023 15:52

Парламентарното мнозинство е стабилно, тврди лидерот на ДУИ, Ахмети. Не ја исклучува и можноста да се прошири, како што рече, во една заедничка алијанса за Европа. Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вели дека меѓународен фактор бара партијата да влезе во Владата. ВМРО-ДПМНЕ побара да објасни кој е тој меѓународен фактор…

Парламентарното мнозинство е стабилно, тврди лидерот на ДУИ. Ахмети најавува и проширување, алудирајќи на обидот за влез на Алијансата за Албанците во Владата, што го објаснува како алијанса за Европа. Тврди дека ова не е поврзано со огнената група. Таравари не отфрлајќи ја можноста да бидат дел од Владата, вели дека тоа е поради стратегиските интереси на државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа Таравари да објасни кој е тој меѓународен фактор што бара Алијанса да влезе во Владата. Во спротивно, според партијата, заднината е друга.

Лидерот на Алијанса за Албанците појаснува-партнерите нè поддржуваат во нашето патување кон НАТО и ЕУ и очекуваат да ја отстраниме последната бариера за отворање на преговорите-уставните измени. Секое друго сценарио според Таравари води кон изолација на државата.

Најголемата опозициска партија останува на ставот дека предвремени избори треба да има во мај на пролет, и дека овој парламент нема мандат за уставни измени. Од СДСМ пак возвраќаат, редовни избори во 2024-та, заедно со претседателските.

Игор Панов