Завршни зборови за случајот „Титаник 2“
Во скопскиот Кривичен суд, завршни зборови за случајот „Титаник 2“, во кој првообвинет е ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Во 2019-та беше осуден за примање награда за противзаконито влијание, во врска со изборни нерегуларности од 2013-та година. Апелација ја укина пресудата поради суштествени повреди на постапката и случајот го врати на повторно судење…

Во Кривичен суд, завршница за „Титаник 2“. Обвинителот Гаврил Бубевски побара Сашо Мијалков, Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК да бидат прогласени за виновни за изборни нерегуларности.
Бубевски посочи дека обвинетиот Тачи имал директната умисла и поттикнувал. Неговиот адвокат, Дангов побара време за да се подготви подобро. Очекувал да биде повлечено обвинението за неговиот клиент.
Не се чувствува виновен и за Чаир, токму тој барал да се отворат кутиите, рече Тачи. За Струмица, пак, не знаел воопшто кое избирачко место би одлучило за резултатите.
За ексдиректорот на УБК, Мијалков, обвинителот побара судот да ги цени побудите за кривичното дело. Тој како првообвинет се товари дека преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал Бедредин Ибраими како член на ДИК, да гласа за поништување на регуларно гласање во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.
Со пресудата која падна на Апелација, Мијалков беше осуден на три години затвор, лидерот на ДПА Мендух Тачи на три години и два месеца, а затворски казни добија и другите обвинети, тогашни членови на ДИК. За да не дојде до застарување на предметот, до април пресудата треба да стане правосилна.
Фиљана Кока
