Бегство од „Идризово“

Разрешен директорот на Управата за извршување санкции, МВР сè уште го бара Мемети

17.01.2023 17:19

Владата го разреши директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски. За МТВ пред одлуката на Владата не сакаше да ја коментира изјавата на Ковачевски дека е незадоволен од неговата работа. МВР сè уште го бара Мемети. Не се знае дали е во земјава или пребегал во странство…

Владата го разреши директор на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски. Одлуката доаѓа само ден по најавата на премерот Ковачевски дека е почната процедура за негова смена. Засега нема најава кој ќе го замени Спасовски. Тој пак за МТВ одби да ја коментира изјавата на премиерот Ковачевски дека е незадоволен од неговата работа. Спасовски замоли медиумите, како што рече, да не му вршат притисок.

Засега, одговорност не се бара за директорот на „Идризово“. Шпенд Тахири бил неодамна назначен, а директорското место го добил во консултации со меѓународни институции, рече Ковачевски.

Полицијата и натаму трага по бегалецот Мемети. Се прибираат информации за неговото движење. Нема информации дали можеби пребегал во странство. Министерот за внатрешни работи Спасовски, се оградува од нападите врз полицијата. Вели дека никој заради дневно-политички цели не треба да ги напаѓа, затоа што затворската полиција нема врска ниту со МВР, ниту со судската полиција.

По извршениот вонреден инспекциски надзор во затворот „Идризово“ биле констатирани повеќе пропусти, кои осуденикот Беким Мемети ги искористил за да го испланира бегството и да побегне. Еден од пропустите е одлуката, затвореникот да биде спроведен во клинички, која ја донел и ја потпишал командирот на одделението, без упат од здравствен работник, а не го известил ниту директорот на затворот.

Претходно, судот им определи мерка притвор од осум дена на командирот и двајца затворски полицајци, за кои постои основано сомнение дека како службени лица, со умисла, му помогнале и му овозможиле на осуденикот Мемети да избега од „Идризово“. На четвртоосомничениот му е изречена забрана за напуштање на домот и привремено му е одземен пасошот за преминување на државната граница.

Александра Максимовска