Бегство

Обвинителството и МВР во „Идризово“

18.01.2023 12:55

За да не се попречува истрагата, Обвинителството не споделува информации во врска со надзорот во „Идризово“. Молк и од директорот Шпенд Тахири. Засега од него не се бара одговорност. МВР сè уште го бара Мемети...

По информациите дека обвинители од Обвинителството за гонење организиран криминал заедно со МВР влегле и извршиле увид во затворот „Идризово“, од таму за МТВ ниту ја потврдуваат веста ниту демантираат. Случајот со бегството на Мемети е во предистражна постапка и не можат да споделат било какви информации кои може да ја попречат истрагата. Молк и од директорот на „Идризово“ Шпенд Тахири. За сега од него не се бара одговорност. Како што кажа премиерот Ковачевски тој на функцијата бил релативно кратко време и местото го добил во консултации со меѓународните институции.

По утврдените пропусти, се трага и по тоа кои лица се инволвирани во случајот и му помогнале на Беким да побегне. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат одговорност. Посочија дека и други лица можеби помогнале во режирањето на бегството на Мемети. По затворскиот полицаец Идриз Асани од ДУИ, следен е и Љупчо Кузмановски член на СДС, кој бил вработен како советник за безбедност на директорот на „Идризово“.

По убиецот Беким Мемети, осуден на 20-годишна затворска казна, полицијата распиша меѓународна потерница. На 12 јануари околу полноќ, заради повреда на левата рака, која сам си ја нанел, побарал да биде спроведен во болница. Вонредниот надзор од Управата за извршување на санкции, утврдил пропусти кај командирот и двајца затворски полицајци, за кои постои основано сомнение дека како службени лица, со умисла, му помогнале и му овозможиле на осуденикот Мемети да избега од „Идризово“. Судот им определи мерка притвор, а на четвртоосомничениот му се изречени мерки на претпазливост. Во меѓувреме, Владата во најкраток можен рок го разреши директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски. Кој ќе го заземе неговото место, се уште не е познато.

Александра Максимовска