Политичкиот договор клучен за влезот на АА во Владата, потврди Ковачевски
За Алијанса за Албанците се отворени вратите на Владата, но првин програмски и кадровски договор, вели премиерот Ковачевски. Тврди дека парламентарното мнозинство не е доведено во прашање. Од „огнената група“ во ДУИ и од БЕСА велат дека влезот на Алијанса во Владата на една година пред избори нема никаков политички ефект. Чиста манипулација е дека Алијансата прифаќа уставни измени без да ги праша граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ...

Премиерот Ковачевски вели дека постои простор за влез на Алијансата на Албанците во Владата меѓутоа за тоа да се оствари, како што вели, претходно треба да се постигне политички договор, во кој треба да прецизираат програмските цели и кадровски решенија, за да може да се реализира евентуалното проширување на владиното мнозинство. Во однос на повикот на лидерот на ДУИ Ахмети за обединување на сите партии за Сојуз за Европа, во кои би се вклучила и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за побрзо чекорење кон членство во ЕУ, премиерот Ковачевски нагласи дека постојат два концепта, едниот за Европска Македонија, кој според Ковачевски го застапува СДСМ и коалициски партнери, како и опозициската Алијанса на Албанците. Другиот концепт според Ковачевски е на партии што се против членството во НАТО и против членството во ЕУ, што е погрешен концепт. Дури уште полошо, Левица нуди некаква алтернатива на Евроазиска унија, којашто во ниту еден случај не е во согласност со определбите на граѓаните. Ковачевски нагласи дека не постои раскол во СДСМ, за што впрочем демант и имаше и поранешниот лидер на партија и премиер Заев.
Откако Таравари рече дека стратегиските партнери бараат да се отстрани последната пречка за членство во ЕУ од ВМРО-ДПМНЕ велат дека доколку Алијанса за Албанците прифаќа уставни измени без да ги праша граѓаните е чиста манипулација. Уште еднаш побараа конкретен одговор кој меѓународен фактор бара Таравари да биде дел од Владата.
Од „огената група“ во ДУИ и од Беса, велат дека влезот на Алијанса за Албанците во Владата, на една година пред избори нема никаков политички ефект. Нема сериозна заложба на СДСМ, како што има ДУИ да создаде ново парламентарно мнозинство со внесувањето на Алијанса и на некој начин мислат дека со ова можат уште повеќе да ја туркаат својата Влада. Од владејачката Алтернатива пак, велат дека Алијанса влегува во Владата за да ѝ ги пополни на ДУИ пратеничките места што ѝ недостасуваат.
Игор Панов
