Куманово

Недостигаат лекови во аптеките и ординациите

18.01.2023 14:03

Граѓаните сè уште се соочуваат со недостиг на одредени лекови, меѓу кои антибиотици, лекови за зголемен крвен притисок, срцеви заболувања, ревматизам. Велат состојбата не е подобрена, па одат од аптека во аптека, за да го најдат лекот кој го добиле на рецепт од матичен лекар. Дел од нив се принудени и лековите да ги набавуваат во соседните земји. И матичните велат за ординациите не можеме да набавите лекови кои се за итни случаи, антибиотици за деца...

Хронично болните, особено лицата со срцеви заболувања, бубрежно болните, ревматските заболувања, не можат да ги најдат препишаните лекови во аптеките. Реагираат на сериозни проблеми со дефицит на одредени лекови, па мора да бараат замена за одредени медикаменти од други произведувачи. За тоа дополнително се советуваат со лекарите и носат нови рецепти. Дел од нив се принудени и лековите да ги бараат во соседните држави.

„Има недостаток, јас сум хронично болен, ги нема инјекциите, многу лекови баравме“, вели еден граѓанин.

„Поминуваат граница преку Прешево, Бујановац, Врање, таму ги наоѓаат луѓето“, додаде друг жител.

„И ако има, се на приватно и скапо е. Ако заминеш во Врање уште поскапо излегува, а старите не се моќни ниту до центарот да дојдат а не да одат да набават“, нагласува трет.

Матичните лекари потврдуваат дека и пациентите, но и ординациите се соочуваат со недостаток на одредени лекови. Недостасуваат велат и одредени антибиотици за деца, како и за итни случаи. Проблемот трае веќе два месеца.

„Многу лекови дали табеларно или ампуларно недостигаат во Македонија, аптеките не ги употребуваат, сите тие таблети во вид на капсули имаат краток рок, стравуваат да ги земат да не помине рок и потоа треба да ги фрлат. За подигање на железо во крвта, срцеви заболувања, нема витамини и многу други што треба да ги држиме во кутија за итни случаи“, вели д-р Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари на Куманово.

Од Здружението на матични лекари на Куманово бараат Фондот и Министерството за здравство да го сменат режимот на пишување лекови, да се прошири позитивната листа, но и формата на пакување, односно да се зголеми бројот на таблети.

„Ги праќаме луѓето во соседството да набават таму лекови, ги наоѓаат, исто се на приватно но кај нас ниту на приватно ги нема, не е важно дали е на товар на фондот“, дополнува Асани.

Здравствените работници бараат итно решавање на проблемот со недостаток на лекови, бидејќи велат ненавремено лекување може да предизвика уште поголеми компликации и оштетувања.

 

Елена Георгиевска