Скопје

Град Скопје поднесе кривична против УСЈЕ, одговорност ќе се бара и од генералниот директор

18.01.2023 14:25

Град Скопје поднесе кривична пријава за Цементарницата „Титан-УСЈЕ“ и за одговорното лице. Тврдат дека вонредната контрола покажала поголемо загадување од дозволеното. Од Инспекторатот за животна средина велат Цементарница е префрлена од мазут на гас. Обвинувањата против нас се невистинити, ќе покренеме правна постапка во интерес на вистината, реагираат од УСЈЕ...

Затворска казна му се заканува на одговорното лице на „Титан-УСЈЕ“, Борис Хрисафов откако Град Скопје поднесе кривична пријава против Цементарницата, но и против него лично бидејќи не ги спроведувал обврските дадени со А- Интегрираната дозвола. Согласно членот 234 од Кривичниот законик пријавата е за „Тешки дела против животната средина и природа“.

„Цементарницата „Титан-УСЈЕ“ испуштала значително поголема концентрација на ПМ10 честици од котлите за загревање кои работеле на мазут, наместо на природен гас, при мерењата извршени на 3-ти и 4-ти јануари. Односно, наместо дозволениот максимум од 50 микрограми/м3, од оџакот се испуштале 121 микрограми/м3 секој час“, се вели во соопштението од Град Скопје.

Информираат дека е забележано зголемување на испустот на азотни оксиди за најмалку два пати.

Од Град Скопје повикаа до Основното јавно обвинителство во Скопје, темелно да ги истражи наводите и да постапи соодветно.

На интернет страницата на Инспекторатот за животна средина стои дека е направен нов контролен инспекциски надзор во „УСЈЕ“ и дека е утврдено оти фабриката го заменила мазутот со гас.

„Правниот субјект постапува по издаденото Решение во инспекциска постапка при што во двата котли за парно греење во котларата за загревање на фабриката веќе отпочна со користење природен гас како гориво, согласно добиената А-Интегрирана еколошка дозвола“, велат од Државниот инспекторат за животна средина

Една од двете печки на Цементарницата престана со работа и е во редовен ремонт кој ќе трае околу 45 дена.

Од „УСЈЕ“ велат – Обвинувањата против нас се невистинити и ќе покренеме правна постапка.

„Цементарница УСЈЕ АД Скопје целосно ги отфрла неоснованите обвинувања, чија цел е дефокусирање на јавноста. За жал ваквиот однос не води кон решавање на отворените прашања. Во интерес на точно и вистинито информирање уште еднаш повторуваме дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3-ти и 4-ти јануари 2023 година, во присуство на инспектори од Град Скопје, потврдено е дека емисиите од производниот процес во Цементарница УСЈЕ се пониски од дозволените гранични вредности“ се вели во реакцијата на „Титан-УСЈЕ.“

Катерина Топалова