Европа

Се разрешува корупцискиот скандал во Европскиот парламент

18.01.2023 14:59

Наводниот лидер на групата која се сомничи за злосторничко здружување, перење пари и корупција, поранешниот европратеник, Пјер Антонио Панцери, се согласил да открие клучни информации за парите од Катар и Мароко во Европскиот парламент. Едногласно избран наследник на Каили на потпретседателската функција...

Полека но сигурно се разрешува „Катаргејт“. Наводниот лидер на групата која се сомничи за злосторничко здружување, перење пари и корупција, поранешниот европратеник, Пјер Антонио Панцери, се согласил да открие клучни информации за парите од Катар и Мароко во Европскиот парламент. За возврат ќе добие само една година затвор, конфискација на имотот и парична казна од милион евра. Парите ги примал во хартиени кеси во кои имало по 20 илјади евра.

„Јасно е дека со тоа ја прифаќа казната од 5 години затвор од кои 4 години се условни. Прифаќа конфискација и парична казна од еден милион евра. Јасно е и дека спие во затвор и дека во наредните недели ќе биде сослушан од истражителите и целосно транспарентно да каже сè што знае за случајот“, изјави Марч Уитендаеле, адвокат на Пјер Антонио Панцери.

67 годишниот Панцери беше уапсен во Брисел на 9-ти декември, истиот ден кога зад решетки завршија потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, нејзиниот партнер Франческо Џорџи и Николо Фига-Таламанка, водач на италијанска невладина организација. Партнерот на Каили, исто така признал вина. Адвокатите негодуваат за протекување информации и попречување на истрагата.

„За 25 години ретко сум сретнал толку многу протекувања на информации за некој случај. Дознавме многу од печатот. Од некои натписи откриваме работи до кои немаме ни пристап. Тоа не само што ја попречува истрагата, туку и ги валка луѓето. За две лица се бара одземање на имунитетот, во момент кога сè уште не се ниту сослушани. Тоа го поткопува квалитетот и кредибилитетот на истрагата“, рече Лоран Кенс, адвокат на Пјер Антонио Панцери.

Европарламентот им го одзема имунитетот на неколку членови, меѓу нив и Ева Каили. Едногласно е избран нејзин наследник на потпретседателската функција, луксембуршкиот социјалдемократ Марк Ангел. Претходно, пратениците ја прекинаа работата на сите досиеја поврзани со Катар и ветија дека ќе ги заострат законите за лобирање и парламентарниот пристап.

„Ќе ги зајакнеме мерките за борбата против корупцијата и за тоа како можеме да возвратиме против странското мешање. Ќе ги зајакнеме нашите системи, ќе ги решиме сите недостатоци и ќе бидеме искрени и отворени во текот на овој процес“, изјави Роберта Мецола, претседателка на Европскиот парламент.

Во истрагата поврзана со тргување со влијание во Европарламентот во корист на Емиратот, особено за правата на работниците, полицијата заплени 1,5 милиони евра, телефони, компјутерска опрема и подароци во низа рации во станови, куќи и хотели во Белгија и во Италија. Катар категорично негираше дека се обидел да стекне влијание преку подароци и пари, додека Мароко ги отфрли наводите дека барале влијание врз прашањата за правата за риболов и спорниот статус на Западна Сахара.

Маријана Димовска