Влада: Училиштата кои не користат евтина струја, да ја искористат поволноста што ја нуди ЕСМ
Заеднички интерес е децата да имаат топли училници, а училиштата помали сметки, велат од Владата. Апелираат училиштата да се пријават на огласот за субвенционирана електрична енергија. Рокот е до петок...
Основните и средните училишта кои сè уште се немаат пријавено на огласот за добивање на субвенционирана електрична енергија тоа да го направат веднаш. Рокот е до петок, апелираат од Владата. Заеднички интерес е децата да имаат топли училници, а училиштата помали сметки.
„Службите на ЕСМ им стојат на располагање. Рокот за пријавување за субвенционирана електрична енергија за периодот од 1 февруари 2023 истекува во петок на 20 јануари 2023. Заеднички интерес е децата да имаат непречена настава и топли училници, а училиштата пониски трошоци за електрична енергија“, рече соработникот за енергетика Виктор Андонов.
Надлежните велат, годината започна со стабилно производство на струја. Вчера биле произведени 17.752 мегават часови. Продадени се и ноќни вишоци од 330 мегават часови.
Како што посочи Андонов, од ова производство на ЕСМ задоволени се и потребите на дополнителните обврски кои ЕСМ Снабдување ги доби од Владата, за виталните дејности како што се болниците, училиштата, јавните претпријатија, компаниите од прехранбениот сектор и другите објекти од витална инфраструктура во државата.
