Евроинтеграции

Гир: Важни се реформите, одговорноста е на Владата

18.01.2023 17:00

Скринингот напредува добро, но важни се реформите, изјави денеска во Охрид евроамбасадорот Дејвид Гир. Во однос на обезбедувањето на двотретинско мнозинство за менување на Уставот, амбасадорот Гир рече дека тоа е внатрешно прашање на државата...

Скринингот напредува добро, претставниците на властите и стручните лица се добро подготвени и тоа се добрите вести. Меѓутоа, тоа не е единствената работа, бидејќи многу важни се реформите во чие спроведување улога имаат повеќе чинители, но одговорноста лежи врз Владата. Ова во Охрид го изјави шефот на делегацијата на Европската унија, амбасадорот Дејвид Гир.

Во однос на обезбедувањето на двотретинско мнозинство за менување на Уставот, амбасадорот Гир рече дека тоа е внатрешно прашање на државата.

„Кога станува збор за двотретинското мнозинство тоа е внатрешно прашање. Очекувам власта сама да го разреши и не можам да се мешам во тие работи, затоа што тоа не е во описот на мојата работа. Меѓутоа кога се работи за уставните измени, тие произлегуваат од договор со којшто се обврза државата во своите билатерални односи со Република Бугарија. Тоа е суверена одлука што треба да ја донесе оваа земја. Она што можам да го кажам е дека државата има добар историјат на меѓуетнички односи и сметам дека ќе донесе одлука што уште повеќе ќе ги зајакне, без притоа да се наруши идентитетот на земјата, бидејќи идентитетот не се губи на патот кон ЕУ“, изјави евроамбасадорот Гир.

Евроамбасадорот посочи дека во последниот извештај на Европската унија како фундаментални реформи се прашањата за борба против корупцијата, зајакнување на владеењето на правото, зајакнување на администрацијата и почитување на човековите права.