Донесена петгодишната национална програма за земјоделство
Владата ја донесе петгодишната програма за земјоделството и руралниот развој од 2023-та до 2027-ма. Целта на документот е да се обезбеди самостојност и целосно покривање на потребите за храна со подобрување на конкурентноста на земјоделско-прехранбениот сектор.

Во новата национална програма за земјоделство и рурален развој, во наредните пет години се поставуваат неколку стратешки цели. Подобрување на конкурентноста на земјоделско-прехранбениот сектор, економската одржливост и зголемување на приходите на земјоделските стопанства.
Се предвидува и примена на еколошки практики кои ќе треба да го намалат влијанието на климатските промени и соодветно да го приспособат производството според условите.
Стратешка цел е и обезбедувањето одржлив развој на руралните средини и привлекување млади земјоделци со олеснување на развојот на бизнисите во селата.
Според владата, важно е да се зголемува производството и квалитетот во аграрот, заштитата на животната средина, безбедноста на храната, здравјето на животните и да се создаде современо и конкурентно земјоделство со производи со поголема додадена вредност.
Крајна цел е земјоделство да обезбеди национална одржливост, самостојност и целосно покривање на потребите за храна во државава.
Методија Трајков
