Кристијан Нинески го фати крстот во водите на Вардар во Скопје
Православните христијани го празнуваат Богојавление-Водици. Поглаварот на Македонската Православна Црква- Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, го спушти крстот во водите на Вардар. Пријавени беа околу 130 кандидати, прв до крстот доплива Кристијан Нинески…

Точно напладне поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан од мостот „Слобода“ во центарот на Скопје го положи крстот во водите на реката Вардар. Пријавени беа околу 130 кандидати, а годинава прв до крстот доплива Кристијан Нинески. Се верува дека оној што ќе го фати светиот крст, во текот на целата година ќе го прати добро здравје и бериќет.
Со поздравот „Бог се јави, навистина се јави“, православните верници го празнуваат Водици, денот кога Синот Божји бил крстен во реката Јордан. Верниците кои ги анкетиравме велат дека овие празници се моменти кога треба да бидеме сплотени.
Одбележувањето на празникот почна со божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Во духот на традицијата беа осветени водите во повеќе градови низ земјата.
Со овој празник завршуваат не само дванаесетте „некрстени денови“ туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божиќ, Василица и други празници.
